Денес на ЕХФ шампионатот за младинци во Варна, освен натпреварите за разигрување за пласман од 5 до 8 место, се одиграа и двата полуфинални натпревари помеѓу Израел-Швајцарија и Грција-Романија.
Во финалето на ЕХФ шампионатот ќе играат репрезентациите на Израел и Романија, кои ќе се борат за освојување на првото место, кое што носи настап во квалификациите за пласман на Светското младинско првенство следната година.
Израел во првото полуфинале беше подобар од Швајцарија со три гола разлика, 32:29 (18:12), додека второто полуфинале меѓу Грција и Романија беше неизвесно во текот на сите 60 минути.
Регуларниот дел од натпреварот заврши нерешено 32:32, додека во пенал серијата, Романија беше повеќе сконцентрирана и успеа да ја добие драмата против нашиот јужен сосед со 35:33.
Во натпреварите за разигрување за пласман од 5 до 8 место, нашата репрезентација го совлада Луксембург со 27:23 (15:9) и ќе игра за петтото место против селекцијата на Украина, која денес триумфираше над Велика Британија со шест гола разлика, 26:20 (17:11). Луксембург и Велика Британија ќе играат за 7. позиција, додека Литванија со триумфот над Косово од 28:17 (12:7) го освои деветтото место на ЕХФ шампионатот во Варна.