ЕХФ со предлог до клубовите – Лигата на шампионите да се игра турнирски!

Европската ракометна федерација испратила барање до сите клубови што играат во женската Лига на шампиони да одлучат на кој начин сакаат да се одвива сезоната во услови на пандемија.

Реномираниот руски портал „Брз Центар“ објави дека постојат две алтернативи за учесниците – првата е да се игра по претходно утврдениот календар, а втората е првите четири кола да се одиграат турнирски.

Тоа подразбира сите 8 екипи од групата да се соберат на едно место. Сите ракометарки и официјални лица би биле сместени во еден хотел и ќе се придржуваат на сите хигиенски мерки.

Датумите и распоредот за ваквиот начин на играње ќе бидат познати дополнително, ако клубовите се решат за оваа варијанта. Нема информација, дали ваквиот начин на игра е предложен и до машките клубови.

Според распоредот, првото коло кај дамите треба да се игра на 12/13 септември, додека првото коло кај мажите на 16/17 септември.