ЕХФ предупредува: Внимавајте на дебитантот Кристопанс!

Медиа тимот на европската ракометна федерација пред стартот на Европското првенство одбра петмина дебитанти, од кои очекува блесок на претстојниот континентален собир.

Покрај  имињата на Белорусинот Микита Ваилупау, Французинот Мелвин Ричардсон, Норвежанецот Александер Блонц, како и Швеѓанецот Валтер Кринц, се најде и ракометарот на Вардар, Летонецот Даинис Кристопанс.

Тој низ настапите за Татран и Мешков Брест се појави на европската сцена, а со настапите и титулата со Вардар, стана еден од најдобрите десни бекови во Европа.

„Тешко е да се поверува дека ЕП 2020 година ќе биде прво за Кристопанс. Десниот бек си направи име низ настапите во Лигата на шампионите играјќи за европскиот шампион Вардар и заслужи место во идеалниот тим. Како што е познато, тој ќе биде највисокиот играч на ЕП – 215 цм. Откако му помогна на националниот тим на Летонија да се најде на ЕП, сега се очекува од него да ја предводи неговата селекција на континенталниот собир“, пишуваат од ЕХФ.

Летонија ќе игра во групата Ц во норвешкиот Трондхајм, заедно со фаворитите Германија и Шпанија, а во групата е уште и селекцијата на Холандија.