ЕХФ потврди: Нема Лига на шампиони за Вардар!

Европската ракометна федерација ја потврди најавената одлука на Извршниот Комитет да не му се дозволи учество на Вардар во следната сезона на Лигата на шампионите, односно во европските купови.

Европската куќа на ракометот ја објави одлуката на веб-сајтот и тврди дека повеќе од две години ЕХФ се труди да го реши проблеми со ненаплатените побарувања на дел од играчите кои играат во клубот кога имаше друго раководство.

„Одлуката на Извршниот комитет на ЕХФ следува по период од речиси две години во кој ЕХФ се обидуваше да го реши проблемот со неплаќањата на договорените играчи од страна на клубот и со тоа да го задржи клубот од Скопје на највисоко ниво. Со оглед на тоа што Вардар одлучи активно да го презентира својот став пред медиумите, Европската ракометна федерација одлучи да даде јавен одговор. Овој одговор е директно доставен до клубот во исто време. Европските натпреварувања на клупско ниво имаат многу чувствителна структура и многу зависат од интегритетот на клубовите-учеснички. За да се расчистат сите работи со Вардар, имаше многу писмена комуникација, па дури и лични разговори и јасни рокови беа дадени од страна на ЕХФ. За жал, претставниците на клубот не можеа да ги почитуваат овие датуми и поставија стратегија на одложување или дури и неодговарање. Плаќањата беа направени само делумно, а беа преземени неколку обиди датумите да се одложат во следната сезона. Извршниот комитет на состанокот минатиот петок дојде до едногласен заклучок дека Вардар ниту ги исполнил договорените работи, ниту навремено ги завршил плаќањата и со тоа не ги исполнува критериумите за настап во Европските купови во сезоната 22/23. Депозитот од сметката на ЕХФ веќе беше префрлен на сметката на клубот и дополнително ќе следи трансфер и на преостанатите средства што треба да ги добие клубот. Европската ракометна федерација изрази жалење што беше неопходно да се преземе таков чекор и подвлекува дека тоа не е во интерес на федерацијата, но ситуацијата предизвикана од поранешниот клуб резултираше со дефицити кои не беше едноставно да се покријат преку новиот клуб“, се вели во писмото од ЕХФ.

Одлуката на ЕХФ се однесува на сите европски натпреварувања, па тоа значи дека Вардар не може да игра ниту во Лигата на Европа следната сезона.

Многу веројатно оваа одлука ќе значи и големи промени во играчкиот кадар и во стручниот штаб, а каков ќе биде изгледот на македонскиот првак останува да видиме.