Извршниот комитет на Европската ракометна федерација (ЕХФ) денес одржа состанок во Луксембург, еден ден порано пред конференцијата на претседатели и вонредниот конгрес на ЕХФ, кој ќе биде одржан на истата локација.
Највисокиот орган на ЕХФ на состанокот потврди дека во новата натпреварувачка сезона во СЕХА лигата, односно во дивизија „Запад“ ќе играат осум екипи.
Како што е веќе познато, претставници од Македонија ќе бидат Вардар и Еурофарм Пелистер, кој на последниот одигран Ф4 турнир во регионалното натпреварување дојде до бронзениот медал, откако во натпреварот за трето место го совлада Нексе Нашице.
Во дивизија „Запад“ ќе играат уште Загреб и Нексе од Хрватска, потоа Војводина и Партизан од Србија, унгарскиот гигант и бранител на титулата Веспрем, како и шампионот на Словачка, Татран Прешов.
По четири екипи од Белорусија и Русија ќе играат во дивизијата „Исток“. Тоа ќе бидат СКА Минск, Мешков Брест, Гомел и Машека од Белорусија, додека од Русија ќе партиципираат екипите на Чеховски Медведи, Нева од Санкт Петербург, Пермски Медведи и ЦСКА Москва.