„ЕХФ им плукна во лице на играчите и федерациите“

Одлуката на Европската ракометна федерација да ги откаже сите ракометни натпревари што требаше да се играат во мај, јуни и јули, предизвика лавина реакции во ракометните кругови.

Меѓу погодените се европскиот шампион Вардар кој нема да има шанси да ја брани титулата во ЛШ, а и машката и женската репрезентација без борба беа елиминирани од квалификациите за ЕП и СП.

Реално на ниту еден од трите фронта, нашите претставници немаше да бидат фаворити за пласман во следната фаза, но сигурно не е убаво чувството без борба да ја предадете титулата.

Меѓу тие што најбурно реагираа на одлуката на ЕХФ е првиот човек на летонскиот ракомет, Мартинш Бичевскис. Летонија требаше да игра со Израел во првиот бараж за СП во Египет.

„Шокиран сум од решението на предводниците на европскиот ракомет, кое е донесено без никаква дебата. За мене тоа е плукање в лице на ракометарите и на ракометните работници во (по)мали европски земји. Без разлика на предизвикот кој го наметна пандемијата со коронавирусот, ова решение во најмала рака не во согласност со фер-плејот“, изјави Бичевскис.