ЕХФ го суспендираше Драган Начевски на две години!

Европската ракометна федерација денеска ја објави одлуката на Ракометниот Суд на ЕХФ за казна на доскорешниот прв човек на судиската комисија, Драган Начевски.

Македонецот, кој во мај беше привремено суспендиран од функцијата што долги години ја извршуваше успешно, доби суспензија на период од две години плус парична казна од 5.000 евра.

Сето ова е поради тоа што не пријавил „понуда за влијание на исход на натпревар“ во европската куќа на ракометот. Иако тој ја одби „непријстојната понуда“ од данската телевзија ТВ 2, ЕХФ го казни поради тоа што не го пријавил случајот во Виена.

„Ракометниот Суд на ЕХФ го суспендираше Начевски од вршење на било каква функција во ЕХФ во наредните две години од денот на одлуката. Дополнително, Драган Начевски ќе плати 5.000 евра за прекршување на фундаменталните обврски наведени во Правилникот на ЕХФ и ЕХФ Кодексот за натпреварување“, се вели во соопштението на ЕХФ.

Драган Начевски го одработуваше третиот мандат како прв човек на Судиската Комисија на ЕХФ.