Амбициозниот норвешки првак Колстад се соочи со големи финансиски проблеми, па мораше уште пред стартот на сезоната да намалува плати и трошоци за следните две сезони.
Тоа беше причина и ЕХФ да се заинтересира подлабоко да навлезе во проблемите на Колстад, но од норвешкиот првак тврдат дека нивното место во ЛШ за претстојната сезона е потврдено од европската куќа на ракометот.
Иако се правеа големи притисоци Колстад да биде исфрлен од елитната конкуренција, сепак тоа нема да биде случај и тие ќе гостуваат во Битола на првиот натпревар. Дека норвешкиот тим ќе игра во ЛШ, потврди Јостајн Сиверстен, генералниот менаџер на клубот.
„Среќни сме затоа што Колстад ќе игра во Лигата на шампионите. Ние како клуб имаме добра комуникација со ЕХФ и тие се среќни со одговорите што им ги дадовме на нивните прашања“, изјави Сиверстен за норвешките медиуми.
Колстад ќе гостува во Битола кај македонскиот првак Еурофарм Пелистер на 13 септември со почеток во 18:45 часот.