Европската ракометна федерација (ЕХФ) денес го објави списокот на екипи што ќе играат во Лигата на Европа во машка конкуренција.
Македонија во новата сезона во второто по ранг европско клупско натпреварување ќе има два претставника – Вардар и Алкалоид.
Тимот на Вардар ќе игра во квалификациите и ќе мора да ги помине за да обезбеди место во групите, додека вицепрвакот Алкалоид има директно место во групната фаза од ЛЕ.
Ждрепката за квалификациите ќе се одржи на 18 јули, додека ждрепката за групната фаза ќе се одржи на 21 јули.
Првите дуели од квалификациите се закажани за 26/27 август, додека реваншите за 2/3 септември. Групната фаза ќе стартува на 17 октомври.
Во изминатата сезона претставници на Македонија во Лигата на Европа беа првиот и вториот тим на Еурофарм Пелистер, како и Бутел Скопје.