Европската ракометна федерација ги објави тимовите што ќе конкурираат за место во новата сезона во Лигата на шампионите. Кај мажите, Вардар има директно место заедно со уште девет екипи, а Еурофарм Пелистер ќе конкурира за вајлд-карта.
Меѓу другите тимови што бараат дополнително место се Адемар Леон, ГОГ, Нант, ПИК Сегед, Висла Плоцк и Спортинг Лисабон како второпласирани во домашните шампионати, додека место побараа како шампиони тимовите на Мотор, Елверум, Целје, Динамо Букурешт, Кадетен Шафхаузен, Мешков Брест и Бешикташ.
Во женска конкуренција, осум тима имаат директно место во група, а иако и следува такво место и на Македонија, сепак нашиот претставник Куманово ќе биде третиран како тим што бара вајлд-карта, со оглед на тоа што се пријавува како вицепрвак.
Оваа сезона во двете конкуренции ќе има само по 16 места и ќе се игра во две групи. Клубовите што ќе ги добијат вајлд-картите ќе бидат познати на 19 јуни.