Александар Царчев е тренер на голманите во Вардар каде што работи и со машкиот тим на Вардар јуниор и со женскиот тим на вардарки. Под своја контрола има повеќе од десет голмани на „црвено-црните“. Тој е тренер на голманите и во машката сениорска репрезентација на Македонија.
Репрезентацијата на Шпанија на Европските првенства дебитираше на стартот во 1994 година и оттогаш одржува континуитет исто како и Хрватска и Франција кои до овој шампионат имаат 13 учества. За овие три селекции ова ќе биде 14. Европско првенство по ред.
За нив со по еден настап помалку се Германија, Данска и Шведска, кои се репрезентации за респект. Шпанија исто така е селекција која заслужува потполно респектирање бидејќи ќе го брани тронот на кој се најде пред две години кога на Европското првенство во Хрватска беше освоен златниот медал.
Во составот на Шпанија нема големи измени на клучните позиции. Вкупно 11 играчи имаат над 30 и повеќе години, додека четворица ракометари се меѓу 26 и 28 години. Другите се помлади, но начинот на игра е ист како и на претходните првенства, а тоа е нивниот препознатлив систем на игра.
Рибера е неверојатен стратег
Селекторот Жорди Рибера е одличен стручњак кој темелно работи за Федерацијата во текот на сите 365 дена во годината и е присутен на сите првенства на кои учествува Шпанија без разлика дали се работи за пионери, кадети или младинци. Тој е секогаш на настанот и секогаш ги следи ракометарите во што можевме сите да се увериме на Светското кадетско првенство во Скопје во август.
Дури и да се случи да дојде до смена на кормилото на Шпанија системот секогаш ќе остане ист и може да претрпи само мали измени, но тие корекции нема да влијаат премногу на играта која сите веќе имаат навикнато да ја гледаат од Шпанците.
Нападот на Шпанија е трпелив и дисциплиниран со игра за правење на вишок и во суштина немаат многу шутери кои може да упатат удар од зад линијата од девет метри. Затоа играат колективно. Сепак, имаат проблеми со нападот кога ќе се соочат со добра длабока одбрана 3-2-1 која за жал денес се игра многу малку.
Системот е предност за „фуријата“
Одбраната е посилниот дел од играта на Шпанија. Имаат одличен систем кој го играат повеќе години и тоа 6-0 и 5-1. Добрата одбрана секогаш им овозможува да имаат одлична транзиција на контранапад каде што постигнуваат многу лесни голови. Имаат многу малку слаби страни во одбраната и затоа одбраната е нивното најсилно оружје.
На голманската позиција ги имаат секогаш одличните Гонзало Перез де Варгас, Родриго Коралес и Арпад Штербик. Тие носат квалитет во нивната игра за висок пласман и на овој шампионат.
Не се сомневам во тоа дка ќе ја поминат групата. Не е лесна бидејќи играат со Германија и дебитантите Холандија и Летонија, но тие се во предност и треба истата да ја искористат.
Клучни играчи се голманите. Со дори одбрани и нормално со добра одбрана пред нив, колективниот дух на сите репрезентативци може да го даде потребниот елан за добар резултат. Со луцидноста на Алекс Душебаев, како и на организаторот Даниел Сармиенто и специјалистот за одбрана Даниел Морос, Шпанија може до уште еден висок пласман.