ЕУРО 2020: Шведска и Словенија – чисти фаворити

Групата Ф се игра во Гетеборг, а таму домаќинот Шведска ќе ја има предноста на домашен терен. Заедно со Словенија се фаворити за пласман во следната фаза, додека селекциите на Полска и Швајцарија тешко ќе успеат да се носат со поискусните ривали во оваа група.

ШВЕДСКА

Како домаќин на Европското првенство, Шведска би можела да направи добар резултат и домашните очекувања се да освојат златен медал. Јас очекувам да стигнат до финалето, и да гледаме скандинавска борба за трофејот, затоа што по мој вкус на ракомет, скандинавците го играат најдобриот, а Шведска е колевка на тој модерен ракомет. Шведска има одлични репрезентативци од кои би ги издвоил Лукас Нилсон и Џим Готфридсон. Околу нив ќе се темели најчесто играта во напад, од кои ривалите треба да внимаваат, а за да  стигнат до завршницата им требаат одлични партии и од голманот Микаел Апелгрен, кој треба да биде на максимум и да бележи добри партии на голот.

СЛОВЕНИЈА

Словенија предводена од Веселин Вујовиќ беше добра во квалификациите. Знаеме сите дека има промени на кормилото на словенечката репрезентација, но не е јасно колку тие промени можат да донесат нешто добро за нив, макар што јас верувам во Љубомир Врањеш, кој со националниот тим на Шведска освојуваше многу медали на големите натпреварувања. Можеби ќе има кратко време да направи некој спектакуларен резултат, но не е исклучено да внесе многу новитети во играта на Словенија. Предводник на Словенија очекувам да биде плејмејкерот Миха Зарабец од Кил, заедно со Јуре Доленец, кои би требало да ја направат разликата на теренот. Доленец нема минутажа во Барселона, но сигурен сум дека е желен за ново докажување и за игра.

ШВАЈЦАРИЈА

Швајцарија обезбеди место на Европското првенство преку тешка група со Хрватска, Србија и Белгија. Тие не учествуваат често на големите натпреварувања, немаат големо искуство и не очекувам дека ќе успеат да постигнат некој поголем успех на претстојниот континентален собир. Јасно е од каде ќе доаѓа најголемата опасност за сите противници на Швајцарија во групата. Лидерот е Енди Шмид, кој долги години е главна карика во Рајн Некар Левен и во националниот тим, но не може еден играч да ја направи разликата на теренот.

ПОЛСКА

Полјаците не беа добри во квалификациите, изгубија од Израел, ремизираа со Косово и сметам дека нема да имаат позначајна улога на ова Европско првенство со оглед и на слабите резултати на пријателските средби пред стартот на континеталниот собир. Полјаците немаат некои позвучни имиња во националниот тим, иако играат повеќето од нив во силни клубови. Можам да го издвојам името на Камил Шипжак, ракометарот на ПСЖ, кој сметам дека ќе биде предводник на Полска на ова ЕП, како во напад, така и во одбрана, но во оваа група фаворити се Шведска и Словенија, па не очекувам премногу и од Полјаците.