Стојан Петрушевски е долгогодишен тренер во ракометно друштво Вардар. Беше помошник на бројни реномирани тренери, а во својата тренерска кариера ја има запишано и победата над Кил со РК Вардар. Во изминативе неколку години тој е тренер на РК Вардар Јуниор, вториот тим на актуелниот европски првак.
Првпат едно Европско првенство во ракомет се игра во три земји, Австрија, Норвешка и Шведска. Нашата репрезентација на ова првенство се најде во груапта Б која ќе се игра во Австрија, заедно со домаќинот Австрија, Чешка и Украина. Оваа група е и посакувана затоа што нема репрезентации од самиот европски врв, но, сепак, треба максимално да се биде фокусиран и концентриран против сите ривали доколку сакаме да продолжиме во вториот круг. Особено поради тоа што нашата репрезентација сè уште се наоѓа во фаза на подмладување и конечно време е и нашите млади ракометари кои веќе и не се така млади да ги покажат своите квалитети на едно големо натпреварување предводени од искусните Кире Лазаров, Борко Ристовски, Стојанче Стоилов, Дејан Манасков…
Групата можеби не е атрактивна, но секое опуштање може скапо да не чини. Австрија е домаќин и ќе сака пред својата публика предводена од селекторот Алеш Пајовиќ и нивниот најдобар играч Никола Билик да избори пласман во вториот круг, а знаеме дека против домаќинот е секогаш тешко да се игра. Екипата на Украина е претежно составена од домашни играчи, но не и неискусни. Повеќето играчи настапуваат во Мотор од Запорожје, кој игра во Лигата на шампионите. Тие тренираат заедно и тоа е дополнителен квалитет. На селекторското место седи Сергеј Бебешко, кој своевремено беше и помошник на прославениот тренер Талант Душебаев во екипата на Сиудад Реал. Тоа само по себе зборува дека Украинците негуваат еден брз, динамичен и агресивен ракомет.
Филип и Кубеш се одличен тандем
Репрезентацијата на Чешка е наш стар познаник со кој често сме се среќавале во квалификациите, но и на големите натпреварувања. Последен наш натпревар беше на Европкото првенство во Хрватска пред две години во вториот круг и истиот го загубивме со минимални, 24:25 со што останавме и без теоретски шанси за пласман во можеби историско полуфинале.
Чешка е искусна репрезентација, која има учество на шест Светски и девет европски првенства. Најдобриот пласман на Европските првенства го има во 1996 година, кога заврши на 6. позиција.
Предводена е од двајца искусни селектори како Јан Филип и Даниел Кубеш, а двајцата се поранешни репрезентативци на Чешка. Јан Филип е истакнат чешки репрезентативец и најдобар стрелец со над 900 погодоци и над 200 настапи за националниот тим на Чешка. Својата тренерска кариера ја почнал во екипата на Сент Гален, а во репрезентацијата е од 2014 година.
Даниел Кубеш исто така е поранешен репрезентативец кој во својата кариера има настапувано за многу клубови меѓу кои се Кил, Лемго, Нордхорн Либек, Дукла Прага… а во моментов е тренер на екипата на ТВ Емсдетен. Во репрезентацијата исто како и Филип е од 2014 година.
Негуваат ракомет со многу трчање и шутеви
Самиот факт што многу чешки репрезентативци настапуваат во Бундес лигата, а самите селектори долго време од своите играчки кариера поминаа во оваа лига доволно зборува како ракомет негуваат. Се работи за ракомет со цврста одбрана и брза транзиција, ракомет со доста трчање и многу шутеви. Чешка негува една цврста 6-0 одбрана, па нема да ме изненади ако играат подлабоко на нашиот најдобар играч Кире Лазаров и ќе се обидат да ја спречат неговата игра два на два.
На гол имаат двајца искусни голмани во Галија и Мрква, а доколку тие бидат во свој елемент ќе ни биде навистина тешко да ги совладаме иако Галија е веќе во поодминати години. Составот на Чешка ќе биде предводен од навистина искусни играчи кои ќе бидат носители на играта. Павел Хорак, кој настапува во Кил и има богато ракометно искуство. Станислав Каспарек е играч чија кариера оди во нагорна линија, а настапува за екипата на Пик Сегед. Ондреј Здрахала, кој е нивниот најдобар стрелец, и Томас Бабек со своето искуство можат многу да допринесат за добар резултат.
На тој начин селекцијата на Чешка е навистина цврста и искусна екипа. Шансите во оваа група за пласман во наредната рунда според мене се еднакви за сите селекции. Се работи за навистина израмнета група и ќе решаваат нијанси. Зависно од тоа која репрезентација во даден момент ќе биде пофокусирана и порасположена за игра ќе има и повеќе шанса за пласман во втората фаза.