Раде Стојановиќ е поранешен репрезентативец на Македонија. Тој во последните години почна со тренерската кариера, а после успешното водење на Металург 2 сезонава е на кормилото на Охрид со кој е на само еден бод од Металург после 14 кола во регуларниот дел од Супер машката лига. Во текот на овој месец треба да се стекне и со мастер лиценца.
Репрезентацијата на Германија доаѓа на овој шампионат да го поправи впечатокот од последното Европско првенство каде што забележа неуспех и заврши на 9. позиција. На шампионатот во Хрватска пред две години беше со нашата репрезентација, а тој дуел заврши нерешено како и натпреварот со Словенија. Единствената победа Германија ја забележа против Црна Гора.
Во вториот круг на првенството пред две години репрезентацијата на Германија забелажа победа само против Чешка, а забележа порази против Данска и Шпанија.
Германците забележаа неуспех и на Светското првенство минатиот јануари каде што беа како коорганизатори, а очекуваа медал. Завршија на 4. позиција откако во полуфиналето беа поразени од Норвешка, а во дуелот за 3. место и од Франција со 25:26.
Многу измени во Бундес репрезентацијата
Пред ова Европско првенство спортската јавност има доста забелешки за селекторот Кристијан Прокоп. На списокот нема двете одлични леви крила: Руне Дамке од Кил и Матијас Муше од Магдебург, кој веќе две сезони по ред е најдобар стрелец во Бундес лигата. Исто така го нема и најдобриот дефанзивец Фин Лемке, голманот Силвио Хајнефетер и десниот беш Штефан Вајнхолд.
Со овие одлуки селекторот Прокоп ја намалува добрата ротација во текот на првенството, а воедно самиот си го зголемува притисокот над себе. При евентуален неуспех и на ова првенство, можно е да се очекува смена на селекторската позиција.
Играта во напад не верувам дека ќе има многу промени. Тука е стандардно добриот Уве Генсхајмер, додека во бековската линија се Друкс и Бом. Најголема конкуреција има на пивотменската позиција каде се Винчек, Пекелер и Колбахер.
Не верувам дека ќе има промени во одбраната и стандардно ќе се задржат на својата 6-0 каде во главна улога ќе бидат пивотите Пекелер и Винчек.
Со Волф на голот секогаш е полесно
Голманот Андрес Волф е прва опција и тоа е одлично за селекцијата на Германија. Ќе има и достојна замена во искусниот Јоханес Битер.
Можеби најголема предност ако може така да се каже за првата фаза е тоа што се во група со селекциите на Шпанија, Летонија и Холандија. Не би требало да има проблем за да се обезбеди пласман во главната фаза, а неизвесно е единствено дали ќе бидат пренесени два бода или не. Доколку пренесат два бода од првиот круг тогаш ќе имаат големи шанси за да се вмешаат во битка за медал на крајот од првенството.
Предноста ја гледам во тоа што подоцна вкрстуваат со групите А и Б. Во една од тие групи е и Македонија. Воедно доброто за Германија е тоа што ги избегнуваат силните репрезентации како Норвешка, Франција, Шведска, Данска и Исланд кои играат во другите три групи кои ќе вкрстат меѓусебе.
Од играчите кои може да се издвојат секако тука е голманот Андреас Волф. Од неговата форма зависи многу и комплетната игра на Германија. Уве Генсхајмер, кој е речиси секогаш најдобар стрелец во репрезентацијата на Германија и пивотот Винчек кој игра подеднакво добро и во одбраната и во нападот.