Кристијан Грчевски е поранешен голман на Пролет и Вардар. Како тренер беше дел од младинскиот погон на „црвено-црниот“ тим, а работеше и како помошник на Игор Котевски во тимот на Бутел Скопје. Од почетокот на сезонава е прв тренер на овој тим и е на добар пат да го најмалку да го повтори ланскиот успех. Дел е од стручниот штаб во машките младински репрезентации.
Женскиот ракомет во Холандија ги доживува ѕвездените мигови откако го освоија златниот медал на Мундијалот во Јапонија, но машкиот репрезентативец по долги години во длабока сенка, конечно ќе го добие вниманието што го заслужува. Сигурен сум дека точно знаат како треба да се работи и како треба да се вложува во спортот за да ја претстават својата држава во едно светло како што прилега. За мене се уште не е доволно позната машката репрезентација на Холандија, но ќе има што да покажат на ова првенсто познавајки колко многу се вложува во младинските школи и колку трпеливо се работи. Голем дел од играчите завршуваат во најсилната лига, односно во Бундес лигата, дел играат во данскиот шампионат и тоа во тимовите од горниот дел на табелата, имаат интернационалци и во Франција. Кога сето ова ќе се земе во предвид сигурен сум дека на дебитантскиот континентален собир нема да разочараат туку напротив, може да бидат и едно пријатно изненадување, иако групата со Шпанија и Германија не дозволува да се надеваат премногу.
Играчот од кој тргнува се во холандскиот напад е Лук Стеинс
Имав прилика да ги гледам двата натпревари кои ги играа на „Трофеј Карпати“ и тоа против домаќинот Романија и против репрезентацијата на Алжир.Од она што успеав да го видам како играчки кадар имаат доста квалитетна бековска линија, но мислам дека на крилните позиции не се доволно добро покриени. На голманските позиции се солидни, го имаат голманот кој настапува во Бундес лигата и тоа за екипата на Хамбург, а тоа е Марк ван ден Беукен. Централнот бек, играчот од кого започнува се, Стеинс Лук, настапува за екипата на Тулуз во француското првенство, по начинот на игра наликува на Скуве, низок, но доста брз и продорен и знае добро да ги разигра бековите и да проигра пивот. Тука се и десниот бек од Холстебро, Кај Смитс, како и Јорн Смитс од Бундес лигата.
Основна одбранбена формација им е 6-0 , некако по она што можев да го видам, доста солидно се снаоѓаат и доста добро покриваат, но секако дека знаат добро да одиграат и 5-1 агресивно со доста движење и излегување длабоко со обиди да пресечат и некоја топка и да дојдат до брз гол. Околу тренерскиот тандем не би можел да коментирам бидејки не го познавам доволно.
Групата со Шпанија и Германија не им дава преголеми надежи
Холандија за првпат се пласира на едно Европско првенство и се најде во групата Ц каде што се Латвија, Шпанија и Германија. Мислам дека групата е тешка за нив и дека желбата да одат понатаму е тешко остварлива. Ако земеме предвид дека Холандија се пласираше како една од двете најдобро третопласирани екипа во квалификациите, тогаш шансите за да ги минат групите се навистина минимални, но можеби баш поради тоа ќе играат без притисок. Во спортот никогаш не се знае…