Иако можеби се очекуваше прва гостинска победа на ракометарите на Еурофарм Работник во Лигата на шампионите, сепак македонскиот вицепрвак загуби на петтото гостување во елитата од финскиот Кокс со 23-21, стандардно со драма во финишот.
Во првите десетина минути се играше гол за гол, а нашиот тим првпат поведе со плус два, 5-7, преку украинскиот двоец Остроушко – Шевелев. Сепак домашните ја зацврстија одбраната, „фармацевтите“ направија неколку грешки и Кокс по 7-9 со серија од три гола направи пресврт, 10-9.
Во финишот на полувремето, Петровски даде гол за 12-13, но Еурофарм набрзина прими гол и на пауза се замина со реми, 13-13. Вториот дел почна со слична игра како што заврши првото полувреме.
Чаневски одбрани еден пенал и еден зицер, па Еурофарм имаше предност 16-18. Сепак бргу ја загуби и Кокс стигна до израмнување 18-18. Потоа битолчани поведуваа со гол разлика, но домашните три пати израмнуваа.
Чаневски беше одличен на голот, спречи на два пати водство на Кокс, а Еурофарм казни преку Граџан во 53. минута за 20-21. Домашните израмнија на 21-21, а потоа и Остроушко и Ронберг пропуштија прилики за водство на својата екипа.
Ненита ја погоди мрежата на Еурофарм на две минути до крајот за 22-21, но потоа Јотиќ не успеа да даде гол и остана последниот напад за Кокс, кој домашните го завршија преку Сирјала за конечна победа со 23-21.
Најдобри стрелци кај Еурофарм беа Јотиќ со пет и Остроушко со четири погодоци, додека кај Кокс се истакна Таминен со шест. За македонскиот тим останува да го одигра уште последниот натпревар од групната фаза против шпанската Бидасоа на домашен терен во Битола.