Екипата на Еурофарм Пелистер 2 ќе има свој претставник на Европското младинско првенство за ракометари до 20 години што ќе се игра во Португалија.
Претставник на фармацевтите“ ќе биде новиот голман, Василије Печурица, кој ќе учествува со репрезентацијата на Црна Гора.
Печурица со неговите репрезентативни колеги се наоѓаат во група Ц заедно со репрезентациите на Франција, Шведска и Хрватска.
Двете првопласирани селекции од секоја група ќе се пласираат во главната фаза, додека останатите селекции ќе продолжат да разигруваат за пласман од 9 до 16 место. Првопласираните селекции од главната фаза ќе обезбедат пласман во полуфиналето.
Европското младинско првенство ќе се одржи во периодот од 7 до 17 јули во градовите Гондомар, Виља Де Гаиа и Матошињос. Титулата ќе ја брани селекцијата на Германија, која во првата фаза за противници ги има Италија, Србија и Исланд.