Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 приредија изненадување во Суперлигата откако во второто коло на домашен терен го совладаа фаворизираниот тим на Бутел Скопје со 30:27.
Бутел Скопје го имаше почетното водство и го диктираше резултатот во воведните минути. Гостите поведоа со 2:4 и 3:5, но Еурофарм Пелистер 2 не дозволи противникокт да се одлепи и многу брзо ја стопи негативата.
Еурофарм Пелистер 2 првото водство го имаше во 18 минута кога Ѓукиќ погоди за 9:8. Продолжи добрата игра на домаќинот и во 23 минута го имаа највисокото водство од три гола, 14:11. До крај на првиот дел домашниот тим ја задржа предноста и на одмор имаше 17:15.
Во продлжението Бутел Скопје брзо успеа да израмни и да поведе, веќе по осум минути игра беше 18:19. И на ова пелистерци имаа одговор, со серија од 4:0 повторно имаа солидно водство од 22:19.
Бутел Скопје во неколку наврати успеваше да израмни, но Еурофарм Пелситер 2 повторно ја враќаше предноста и со два гола позитива влезе во завршните пет минути. Оваа предност ја сочуваа до крај и битолскиот тим стигна до голема победа.