Голманот од Црна Гора, Василије Печурица, во следната сезона ќе настапува за Еурофарм Пелистер 2, тим, кој со освоеното 4 место во македонската елита обезбеди настап на европска сцена.
По заминувањето на првиот голман, Благојче Трајкоски во Алкалоид, раководството на битолскиот тим се одлучи на негово место да го донесе црногорскиот интернационалец.
Печурица во пролетниот дел од изминатата сезона направи трансфер од Будуќност во Струга, односно дојде како замена за неговиот сонародник, Никола Матовиќ, и покажа одлични партии во Супер лигата.
Младиот црногорски голман има одлични физички предиспозиции, со висина од два метри се очекува да биде одлично засилување во тимот на Александар Јовиќ.
Покрај Печурица, во вториот тим на Еурофарм Пелистер ќе пристигне и средниот бек од Охрид, Мартин Ивановски, а договорот со „фармацевтите“ го продолжи ракометарот од БиХ, Павле Петровиќ. Освен голманот Трајкоски, клубот го напуштија и средниот бек Димитар Димитриоски и десното крило од Србија, Милан Ѓукиќ.