Екипата која е изненадување во оваа сезона во Суперлигата, Еурофарм Пелистер 2, продолжува со одличните партии пред своите гледачи и во натпревар од 21. коло прослави убедлива победа против фенерџијата, Радовиш, со резултат 35:23.
Избраниците на Александар Јовиќ имаа целосно контрола на натпреварот. Со погодоците на браќата Атанасијевиќ и Петровиќ, младите ракометари на Еурофарм Пелистер за шест минути игра дојдоа до водство од 4:0. Тренерот на Радовиш, Љупчо Мијалов, мораше уште во седмата минута да повика тајм-аут.
По советите од клупата на Радовиш, гостите заиграа подобро во продолжението, но поради лошата игра во воведниот дел не можеа целосно да ја преполоват резултатската негатива.
По водството на Еурофарм Пелистер од 9:4, Радовиш направи серија од 4:0 и намали на само еден негатива, 9:8. Еурофарм Пелистер до крајот на првото полувреме најчесто беше во предност од еден до три гола разлика, а на пауза замина со два позитива, 16:14.
Домашната екипа во второто полувреме по водството од 18:16 повторно дојде до сериозна разлика и во 40. минута имаше активен резултат од плус шест, 22:16. Предноста од шест гола разлика беше шанса за ракометарите со помала минутажа од составот на „фармацевтите“ да го покажат најдоброто од себе во следниот период.
Радовиш преку најекспонираните од својот состав, Постолов и Ристов, се обидуваше да фати приклучок, но секој обид на гостите за приближување завршуваше без успех. Последниот дел од натпреварот не претставуваше никаков проблем за домаќините да одработат рутински и да стигнат до нови бодови на свое конто.
Најефикасни во победничката екипа беа Петар Атанасијевиќ и Емилијан Ѓорговски со по шест погодоци. Во Радовиш прв стрелец беше Здравко Постолов со десет погодоци.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА