Со голот на засилувањето Страхиња Симиќ, тимот на ГРК Тиквеш успеа да стигне до победа од 30:29 на дуелот против Еурофарм Пелистер 2 во Битола со што дојде до првите три бода сезонава. Во натпревар во кој кавадарчани водеа од првата минута, малку недостигаше да се прокоцка стекнатата предност и на крајот да дојде до поделба на пленот.
Од почеток на натпреварот се виде дека гостите се максимално мотивирани за сезонава да дојдат до првите бодови. Влегоа во натпреварот сигурно и цврсто и тоа даде резултат бидејќи после 4:4 брзо дојдоа до водство од 9:4. Тоа се случи во 11. минута кога стана јасно дека на овој дуел тимот на Еурофарм Пелистер 2 ќе има тешка задача да стигне до нови бодови.
Предноста од пет гола брзо беше неутрализирана и тимот од Битола веќе после средината на првото полувреме имаше враќање во мечот со намалување на 9:11.
Сепак, и покрај тоа што беше обезбедено намалување на резултатот тоа не беше гаранција дека ќе може да се направи и пресврт бидејќи кавадарчани успеаја да останат во позитива и на одмор да заминат со резулта од 19:16.
Многуте голови од првото полувреме беа знак дека мора да се смени пристапот во играта во одбрана и на двете страни и тоа дојде до израз во продолжение од средбата кога и двата тима влегоа далеку поангажирано пред својот гол.
И на двете страни одбраните станаа поцврсти и многу потешко се доаѓаше до ситуација да се намали бројот на погодоци и постојано да се игра во резултатска тензија.
Гостите одново дојдоа до водство од пет гола и беа во убав плус, но така беше до стартот на последните десет минути. Тогаш почна враќањето во средбата на домашните кои стигнаа до минус еден разлика, а брзо потоа и до нерешени 29:29.
Во последниот напад на кавадарчани, Страхиња Симиќ биеше за предност од 30:29, а овој гол беше на крајот доволен за победа бидејќи составот на Еурофарм Пелистер 2 во последниот напад не успеа да искористи шанса за да дојде до реми, па кавадарчани на крајот се радуваа на првите три бода сезонава.