Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 го победија составот на Скопје со 28-23 и го потврдија местото во суперлигашкиот плеј-оф, каде ќе играат трета сезона по ред. Младите битолчани се помачија со жилавниот домаќин и во вториот дел го скршија неговиот отпор.
Скопјани имаа два удари во пречката, нивниот голман Радовановиќ запре два удари на битолчани, па првиот гол падна дури по осум минути игра преку Чакалиќ за 1-0. Набрзина израмни Петровиќ за 1-1. Еурофарм Пелистер 2 ја презема контролата и поведе со плус два 5-3, а таквата предност ја одржуваше кратко време, бдејќи Скопје стигна да израмни на 8-8, а потоа во 25 минута и да води со плус два, 11-9.
Домашните тука како да застанаа, немаа многу решенија во нападот, па Еурофарм Пелистер 2 со брзи голови ги казни сите грешки и погоди пет пати за 14-11. Скопје го имаше последниот напад, беше досуден фаул пред истекот на времето, а со проектилот на Барјактаревиќ од слободен удар на пауза се замина со 14-12 за битолчани.
Избраниците на Александар Јовиќ на стартот на вториот дел направија голем чекор кон победа и поведоа со 20-16. Упорните домаќини не мислеа да се предадат и со двата гола на Јакимовски и еден на Барјактаревиќ од далечина кога нападот беше пасивен, ги вратија возбудувањата на мечот, 20-19.
Имаа момците на Горан Кузманоски шанса и за реми, но не погодија, па Кукуловски казни на спротивната страна. Јовановски им запре еден удар на домашните, па погоди и Талевски и беше 23-20. Домашните не ги користеа своите прилики, па битолчани се одлепија на плус пет, 25-20. Веќе немаше ниту време, ниту сили за камбек на Скопје во мечот, па бодовите заминаа во Битола.
Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Дејан Кукуловски со седум гола, а Петар Атанасијевиќ постигна шест. Кај Скопје, Дамјан Јакимовски стрелаше седум пати, додека Жарко Барјактаревиќ даде четири погодоци.
Сега битолчани имаат 22 бода и остануваат во трка за третото место, а Голден Арт ќе остане петти без шанса за плеј-оф. Другите патници во разигрувањето за титулата се Еурофарм Пелистер, Пролет и Тиквеш, а конечниот пласман ќе биде потврден во последните две кола.