Еурофарм Пелистер 2 во победнички ритам, ја совлада и Струга

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 продолжуваат со одличните настапи во своите контролни натпревари пред почетокот на плеј-оф натпреварувањето и разигрувањето за титулата, a новата победа дојде против тимот на Струга со 20:18.

Избраниците на Александар Јовиќ беа подобри од стружани и во двете полувремиња со по еден гол разлика, а на крајот од првиот дел резултатот беше 9:8.

Најефикасен  во победничката екипа беше Дарио Петровски со пет голови, а по четири погодоци постигнаа Павле Петровиќ и Јован Талевски. Солиден на голот беше и Иваноски со девет интервенции.

Ова беше петта победа за Еурофарм Пелистер 2 на контролните натпревари. Тимот од Битола беше поуспешен и од Охрид, Голден Арт КЛ7, како и двапати против Прилеп.

Во првото коло од плеј-офот, Струга ќе игра против првиот тим на Еурофарм Пелистер, додека Еурофарм Пелистер 2 ќе оди на мегдан со актуелниот шампион, Вардар.