Хрватскиот шампион Загреб во новата сезона ќе влезе со променет состав, но и со големи амбиции во Европа.
Тренерот Славко Голужа во разговор за хрватскиот портал „Спортске Новости“ истакна дека не е исклучена можноста да има ново засилување во редовите на „плинарите“.
,,Играчкиот кадар е во ред со оглед на можностите што ги имаме. Добро ќе ни дојде уште еден искусен играч во тимот, не 15-ти или 16-ти, туку осми, бидејќи со таков играч би имале ширина да се справиме со ривалите во Европа. Во домашни рамки, да не бидам сфатен погрешно, не е пресудно. По секоја цена не ни требаат засилувања, ако се отвори можност тоа ќе биде добро, ако не, ќе одиме со тоа што го имаме, можеме да имаме добар тим”, изјави Голужа за „Спортске Новости“.
Поранешниот селектор на Хрватска смета дека Загреб ќе има доволно квалитет за да се надигрува против тимови како Кил, Алборг, ПСЖ и Келце, но и против македонскиот шампион Еурофарм Пелистер, кој драстично се поднови.
,,Во Лигата на шампионите секој меч е тежок, но очекувам мојот тим да освои бодови уште од првото коло кога кај нас доаѓа Кил. Не смееме да гледаме во приказните, ’овие се силни тимови, немаме шанси таму, целиме на следниот натпревар’, затоа што едноставно мораме да го извлечеме максимумот од секој натпревар. Видовте минатата сезона дека сѐ е можно во Лигата на шампионите и мора да бидеме подготвени да ги искористиме таквите шанси доколку се укаже прилика. За силата на Кил, ПСЖ, Киелце, Алборг нема потреба да се трошат зборови, а тимот на Еурофарм Пелистер ќе биде посилен, исто така и Сегед е силен, па и Колстад, иако има проблеми. Потенцирам, очекувам мојот тим да верува во себе и тоа да го покаже на теренот. Секој натпревар е важен, секој бод е важен”, заврши Голужа за „Спортске Новости“.
Загреб првиот дуел против Еурофарм Пелистер во рамки од групниот сегмент од ЛШ ќе го одигра на 18 октомври на свој терен, додека реванш средбата е закажана за 6 декември во Битола.