Еурофарм Пелистер првиот собир пред стартот на новата сезона ќе го има на 25 јули кога се очекува да пристигнат сите странски ракометари во Битола, вкупно девет, како и тренерот Жељко Бабиќ.
Првиот тренинг би требало да се одржи во Маврово на 27 јули, а „фармацевтите“ би требало да останат две седмици до стартот на турнирот во Струга.
Терминот и екипите што ќе играат на Струшкиот турнир се уште не се потврдени, но би требало да играат осум екипи од Македонија и да се одржи од 11 до 15 август.
Битолчани ова лето се засилија со седум ракометари – Македонците Кукуловски, Костески и Танкоски, Хрватите Мараш, Мандалиниќ и Кушан, како и Босанецот Периќ.
Еурофарм Пелистер ќе биде македонски претставник во Лигата на Европа, но се уште не е јасно дали ќе стартува од второто квалификациско коло или директно ќе игра во групите.