Ракометарите на Еурофарм Пелистер во спортската сала „Боро Чурлевски“ беа домаќини на Бутел, во натпревар од последното коло од суперлигашкиот плеј-оф, а крајниот епилог од средбата беше 30:22 во корист за „фармацевтите“.
Екипата на Жељко Бабиќ во најголемиот дел од првото полувреме имаше минимална предност од еден-два гола разлика и минималната предност во првите 30 минути ја контролираше до 27 минута. Во завршниот дел од првото полувреме, при нерешен резултат од 12:12, избраниците на Кристијан Грчевски со погодоците на Јевтиќ и Ѓеоргиевски го презедоа водството и на пауза заминаа со плус два гола разлика, 12:14.
Еурофарм Пелистер за неколку минути игра во второто полувреме со серија од 3:0 повторно го врати водството во свои раце, поведе со 15:14. Домашната екипа во 40 минута стигна до највисоките плус три, 18:15, а минута подоцна, голманот на домаќините, Мартон Секељ, постигна гол на празна мрежа за највисоко водство од 19:15.
Гостите од Бутел во последните дваесетина минути немаа доволно сили да направат нешто повеќе во овој дуел. Еурофарм Пелистер со стабилна игра рутински ја контролираше ситуацијата на терен, го зголеми водството во последниот период од натпреварот и запиша убедлива победа во последниот натпревар за оваа сезона.
Најефикасен во редовите на Еурофарм Пелистер беше Матео Мараш со седум погодоци. Во екипата на Бутел најефикасен беше Владимир Јевтиќ со шест погодоци.