Македонскиот вицепрвак сигурно чекори низ Суперлигата откако и денес го совлада тимот на Пролет со резултат 30-17(15-9) и од Скопје заминува со нови три бода. Еурофарм Пелистер имаше контрола над натпреварот и ја искористи средината на првиот дел да создаде висока предност која гарантираше рутинирана и сигурна завршница. Домаќинот, екипата на Пролет одигра добри воведни 10 минути кога рамноправно се носеше со противникот, но тоа не беше доволно да се избегне висок пораз.
Пролет го отвори резултатот и имаше минимална предност во првите десет минути од натпреварот. Двете екипи беа во егал до 5-5 и почетокот на серијата за поквалитетниот противник. Прво со 3-0 гостите од Битола се одлепија и најавија дека на овој дуел нема да има простор за изненадување, а потоа следуваше период на доминација која заврши со убедлива предност од „плус пет“. Пролет за момент ја прекина убедливата игра на противникот, но Еурофарм Пелистер продолжи со исто темпо и во финишот на првиот дел. Во 25. минута ги создадоа и највисоките „плус седум“, а високата разлика ја задржаа до крајот на триесетте минути за конечни 9-15.
Почетокот на вториот дел продолжи со ист ритам, Еурофарм Пелистер доминираше на теренот, а разликата бргу ја премина двоцифрената граница. Кога веќе беа познати улогите на теренот и се чекаше само последниот звук на сирената, натпреварот влезе во мирна завршница, со долги напади,каде се бараше пивотот на линијата од шест метри и грешки преку кои најчесто во контра-напад се постигнуваа голови.
Еурофарм Пелистер во последните 10 минути од дуелот влезе со предност од 13 голови, а високата разлика ја задржа до самиот крај за конечни 17-30.
Најпрецизен на теренот беше Петар Атанасијевиќ со 6 постигнати голови за Еурофарм Пелистер, го следеа Васиљев, Стевановиќ и Суси со по 4 голови. Кај Пролет Димов и Димковски постигнаа по 3 голови.