Ракометарите на Еурофарм Пелистер загубија во првото коло од групната фаза на Лигата на Европа од данскиот тим Скандерборг Архус со 30-27. Победата на гостите беше најавена уште по првото полувреме, кога водеа со четири гола разлика, 16-12.
Гостите го постигнаа првиот гол на мечот, но потоа имаа пост од шест минути. Битолчани погодуваа преку Танкоски и Кузманоски за 3-1, пред Архус да намали на 3-2. Следуваше најдобриот период на Еурофарм Пелистер, кога беа искористени неколку грешки на ривалот.
Крилата Кузманоски и Костески погодија во контранапади за 7-3, но како одминуваше времето, така Архус се враќаше во игра. Хосни постигна гол за 10-7, но потоа почнаа грешките во нападот.
Тренерот Валтер ротираше во ростерот, но по 11-9, битолчани неможеа да погодат цели седум минути. За тоа време, гостите погодија пет пати и веќе беше 11-14. Танкоски го прекина постот со голот за 12-14.
Eурофарм Пелистер имаше шанса за минус еден, но Пешевски не погоди, па Архус казни за 15-12. Уште еден напад на домашните не беше реализиран, па со погодок од пенал, данскиот тим на пауза замина со плус четири, 16-12.
Македонскиот тим намали на 16-14 на стартот на вториот дел, но гостите стигнаа и до највисоки плус пет, 21-16. Кизиќ влезе во игра на место на Лесјак, фати три удари во серија на Архус, па Еурофарм Пелистер преку разиграниот Атанасијевиќ успеа да се врати во игра, 25-23.
Беше и 26-24, Кизиќ одбрани уште еднаш, но Костески не ја реализираше следната акција. Уште еден напад пропуштија битолчани за минус еден, па казната стигна преку Арнолдсен за 27-24.
На четири минути до крајот беше 29-26, а кога промашија домашните уште еден напад, Архус преку Тејгум зголеми на 30-26 и веќе немаше назад за Еурофарм Пелистер.
По пет гола во битолскиот тим дадоа Хосни и Хенеберг, а крилата Кузманоски и Костески дадоа по четири погодоци. Лесјак и Кизиќ имаа по шест одбрани. Во гостинскиот тим предводник со 11 гола беше Вест Ав Тејгум.
Во следното коло, Еурофарм Пелистер гостува кај составот на Агуаш Санташ во Португалија.