Еурофарм Пелистер со пораз во Нашице, ќе брка три разлика во Битола

Екипата на Еурофарм Пелистер претрпе пораз на гостувањето во Нашице од 20:23 на првиот дуел од осминафиналето во СЕХА-лигата. Битолчани беа во негатива од почетокот на натпреварот и не успеаја ниту еднаш да поведат. Тоа воедно беше и само проблем така што на крајот немаше можност за нешто повеќе, па Еурофарм Пелистер ќе има тешка задача на реваншот.

Почетокот на средбата тргна со малку погодоци. Грешките се редеа на двете страни, а беше тешко да се бројат пробивањата бидејќи во текот на првите 15 минути ги имаше повеќе отколку што имаше погодоци. Поголемиот дел од нив беа направени од ракометарите на Еурофарм Пелистер кои никако не можеа да дојдат до лесна реализација.

После десет минути игра ракометарите на Нексе беа во предност од 4:1, а ова беше показател за тоа колку беше тешко да се одигра во нападот. Не можеше да се покаже она што се гледаше на подготовките, но одбраната горе-долу добро ја вршеше својата задача, па успеваше да ги задржи шансите за подобар резултат.

Следуваше нешто подобар период во кој се фати приклучок, но и понатаму немаше многу голови. Продолжија пробивањата така што тука беше главно причината за малиот број на погодоци. Добро беше тоа што голманите бранеа, а Чаневски ги одбрани првите три удари од седум метри.

До второто израмнување после почетните 1:1 се дојде во 29. минута кога резултатот беше 9:9 и тука почна сè одново. Сепак, Нексе на одмор замина со 10:9.

Вториот дел не донесе ништо поразлично кога беа во прашање погодоците. И понатаму ги немаше доволно. И на едната и на другата страна имаше грешки, но Нексе постојано беше во предност од два до три гола. Еурофарм Пелистер се обидуваше да остане во игра и беше навистина тешко за да се задржи ритамот.

Во финишот од средбата Нексе влезе со четири разлика. До крајот остануваа пет минути, а резултатот беше 21:17. Тука почна конечно Еурофарм Пелистер да засилува и успеа да ги донесе работите на вистинско место. Намали на гол разлика, 20:21, но потоа брзо прими нов гол. Следуваше лош шут, а потоа уште еден примен гол на две секунди до крајот за пораз од 20:23.

Ова значи дека на реваншот во Битола нема да биде лесно на 12 февруари и ќе мора да се одигра многу подобро за да се дојде до пласман во следната рунда. Резултатот е активен, па на битолчани е да покажат дека имаат квалитет за да стигнат до четврт-финалето и двобој со Вардар.

НЕКСЕ – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР                23:20 (10:9)

НЕКСЕ: Цар (9 одб.), Лелиќ, Радовановиќ, Етер, Милета 1/2, Баришиќ Јаман 4/8, Думенчиќ, Греганиќ, Јелиниќ 3/4, Вида 3/4, Северец 2/4, Пешиќ 1/1, Кевиќ 4/8, Томиќ 1/2, Возаб 3/5, Прибетиќ 1/1.

Седмерци: 3/7, Исклучувања: 6 мин.

ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Митревски (9 одб.), Чаневски (4 сед.), Ојлески, Маркоски, Маџовски 3/5, Чурлевски 1/1, Радовиќ 0/1, Јотиќ 6/7, Вегар 0/1, Кукоски, Велковски 0/2, Остроушко 7/11, Ратајец, Граџан 1/1, Ѓукиќ 2/3, Петровски 0/1.

Седмерци: 5/5, Исклучувања: 2 мин.