Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер води по првото полувреме на гостувањето кај Мотор Запорожје со два гола, 18-16. Данскиот лев бек Хенеберг има шест гола од шест обиди, а голманот Лесјак има седум одбрани.
Мотор отвори подобро и поведе со 4-2, но Хенеберг врза два гола, а Лесјак му одбрани пенал на најдобриот стрелец на Мотор, Турченко. Василев можеше да донесе водство, но погреши, но истото му се случи и на Анѓелиќ.
Првото водство на битолчани им го донесе Танкоски по десет минути игра, а потоа следуваше и атрактивен гол со цепелин на Хенеберг. Нашиот тим направи две грешки по ред и Мотор израмни на 6-6.
Потоа следуваше по еден гол на двете страни. Водеше Еурофармм Пелистер повторно со два гола, 9-7, беше и 10-8, но одново домаќините се вратија во игра и преку Турченко израмнија на 11-11.
Василев донесе предност за битолчани, а Пешевски ја удвои, 14-12. Беше и 15-13, брзи голови се постигнуваа на двете страни. При резултат 17-16 за Еурофарм Пелистер, домашните тргнаа во напад, но направија техничка грешка, па Пешевски казни во последните секунди за плус два на пауза, 18-16.