По триумфот на гости кај Бутел Скопје, ракометарите на Еурофарм Пелистер ја запишаа втората победа во суперлигашкиот плеј-оф, откако на домашен терен беа подобри од новакот во елитата, Алкалоид, со 27-25. Гостите беа тврд орев, успеаја во финишот да намалат на минус еден, но рускиот репрезентативец Василев кој беше најдобар стрелец, стави точка на натпреварот и ја потврди победата на неговиот тим во последните секунди.
На стартот немаше голови три минути, пред гостите да поведат први. По 1-1, избраниците на Кире Лазаров да стигнат до плус два, 3-1. Беше и 6-3 за нив, а разликата не се зголеми поради одличниот Кизиќ на голот на битолчани.
Гостинскиот голман Благојче Трајкоски незгодно се повреди на средината на првиот дел, па мораше на голот да застане Иван Галевски. Еурофарм Пелистер преку Радовиќ и Танкоски намали на 6-5, но Серафимов одново донесе плус два за скопјани.
Трајкоски се врати на гостинскиот гол, а битолчани имаа шанса за реми при 8-7, но не го погодија празниот гол. При водство за скопјани од 10-8, следуваше голем пад во нивната игра, па дозволија да примат четири гола по ред.
Згора на тоа Лесјак му одбрани пенал на Илиески и Еурофарм Пелистер беше на плус два, 12-10. Во последната секунда од првиот дел Серафимов даде гол од седмерец и на пауза се замина со 13-12.
Данецот Кисум играше солидно во финишот на првиот дел, а погоди и на стартот на второто полувреме за 15-13. Ојлески казни една грешка за највисоки дотогаш плус три за битолчани 16-13.
Гостите пропуштија две прилики за минус еден, па затоа Хосни погоди во нивната мреежа за 19-16, а беше и 20-17 кога останаа да се играат уште петнаесетина минути до крајот на мечот. Лесјак му запре зицер на Петковски, но и Галевски исто така на Пешевски, па скопјани тргнаа во нов напад за минус еден при 21-19. Словенечкиот голман одново запре зицер, па битолчани преку мотивираниот Танкоски ја најавија победата, 23-19.
Кукоски и Петров добија исклучувања поради двобојот на линијата од шест метри, а тоа беше трето за гостинскиот пикер, кој доби и црвен картон. Домаќините водеа со 24-19, но примија три гола по ред, од кои два на празен гол за 24-22, па Валтер мораше да бара тајм-аут на пет минути до крајот.
Дефанзивецот Куоски исто така трепат беше ислучен и тоа беше црвен картон за него, а Костески беше прецизен за плус три, 25-22. Следуваше нова казна од две минути за битолчани, Хосни мораше надвор, па Алкалоид преку Илиески ја врати неизвесноста во финишот, 25-23.
Битолчани не го реализираа следниот напад, па Лазаров побара тајм-аут, по што Стојковиќ погоди за 25-24 на влезот на последната минута. Василев и Петковски беа прецизни за 26-25, но сега домашниот стратег Валтер побара тајм-аут, кога имаше да се играат уште триесетина секунди.
Гостите играа пресинг, но Василев најде дупка во нивната одбрана и победата остана дома, 27-25. Најдобри во домашниот тим беа токму Василев со шест гола, а по пет постигнаа Кисум и Танкоски, а кај Алкалоид по исто толку дадоа Серафимов и Илиески.