Ракометарите на Еурофарм Пелистер одиграа нерешено, 29-29 со шпанска Бидасоа во натпревар од шестото коло во Лигата на Европа. Иако битолскиот тим водеше со четири гола во првиот дел, сепак на крајот мораше да се бори за бод, откако гостите водеа со 29-27 во последните минути од мечот. Со ова реми, битолчани не се израмнија со Бидасоа, но сега имаат плус два бода пред Мотор кој е на петтото место на табелата.
Во првите десетина минути се играше гол за гол до 5-5, пред Хосни и Василев за првпат на мечот да му донесат плус два, 7-5. Беше исклучен Кукоски, па Азкуе и Емпаран набрзина израмнија на 7-7. Танкоски стрелаше за 8-7, но и гостите не останаа без реализација. При 10-9, Кизиќ одбрани чист зицер, битолчани не го погодија следниот удар и одново Бидасоа израмни на 10-10.
Во продолжение шпанскиот состав остана со двајца ракометари помалку на теренот, беа исклучени, па Еурофарм Пелистер ја искористи приликата. Костески и Танкоски на два пати погодија, па битолчани се одлепија на плус три, 13-10. Радовиќ зголеми на 15-11, Бидасоа имаше шанса да намали и на минус два, но Кизиќ се испречи на пет минути до крајот на првиот дел. Валтер повика тајм-аут, а потоа Хосни веднаш погоди за 16-12.
Битолчани влегоа во серија промашувања, Хенеберг не погоди ниту од пенал, па Бидасоа намали на 16-14. Пешевски зголеми на 17-14, а до крајот уште две грешки на нашиот тим и Шпанците во последната секунда се изборија за 17-16.
На стартот на вториот дел беше 18-16, Бидасоа беше упорна, израмни на 18-18, а имаше и напад за водство, кој не го реализираше. Василев беше прецизен од контранапад, а гостите по исклучувањето на Атанасијевиќ израмнија на 21-21. По голот на Костески, Бидасоа направи комплетен пресврт и на петнаесетина минути до крајот поведе со 24-22.
Валтер побара тајм-аут, но Бидасоа го чуваше и во следниот период водството од плус два. По 26-24, Хосни и Василев се изборија за реми на влеезот на последните десет минути. Беше 27-27, кога битолчани промашија три напади и казната стигна преку Азкуе, па данскиот стратег мораше да бара нова минута одмор. Арбауи му фати зицер на Хосни, а Нието стрелаше за 29-27 и најави победа на шпанскиот тим.
Ојлески и Костески реализираа цепелин, Кизиќ одбрани, а Танкоски израмни на 29-29 на дваесет секунди до крајот на мечот. Гостите немаа решение во последниот напад и на крајот двете екипи си поделија по бод.
Најдобри стрелци во Еурофарм Пелистер беа Хосни со осум и Танкоски со седум погодоци, додека кај Бидасоа шест пати погоди Нието, а пет Азкуе. За битолскиот тим во февруари следуваат уште четири двобои – две гостувања кај Фуксе Берлин и Архус, како и два домашни дуели со Мотор Запорожје и Агуаш Санташ.