Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер уште повеќе се засилува пред стартот на новите европски предизвици. Нов член на битолскиот клуб е данскиот лев бек Себастијан Хенеберг, кој потпиша договор до крајот на оваа сезона.
Станува збор за играч што има 28 години, а доаѓа од данскиот Алборг. Потекнува од Силкеборг, каде играше до 2013, потоа мина пет сезони во Орхус, пред да го има првото интернационално искуство во норвешкиот Елверум.
Таму играше една сезона и во 2019 се пресели во Алборг. Во данскиот тим ова лето дојде Хансен, па јасно беше дека Хенеберг тешко ќе се избори за минутажа покрај него.
Во Битола ќе ја дели минутажата со Руди Сери, Мохамед Суси и Павле Атанасијевиќ, а дебито би требало да го има на следниот викенд на натпревар од Суперлигата.