Португалскиот среден бек Вилсон Дејвис е нов ракометар на Еурофарм Пелистер. Искусниот 33-годишен ракометар потпиша двегодишен договор со битолскиот клуб, почнувајќи од сезоната 2022/23.
Се работи за ракометар со огромно искуство во францускиот шампионат, каде што настапува од 2014 година.
Дејвис во Битола доаѓа од Иври, а претходно ги носеше дресовите на Нант, Сесон Рен и Данкерк. На почетокот на кариерата Дејвис настапуваше за Спортинг, Ковадонга и Порто.
Новиот среден бек на Еурофарм Пелистер шест пати бил првак на Португалија, освојувач на Суперкупот на Португалија со Порто, а го освои и Лига Купот на Франција со Нант.
За португалската репрезентација настапуваше цела една деценија, почнувајќи од 2009 година. Дејвис е висок 192 сантиметри, тежок 95 килограми и ќе биде вториот Португалец во историјата на Еурофарм Пелистер, по Серхио Барош.
Претходно за Еурофарм Пелистер потпишаа голманот Урбан Лесјак, левиот бек Руди Сери и десниот Усама Хосни.