Ракометарите на Еурофарм Пелистер со победа ја завршија 2019 година, а на гостувањето кај Спартак Москва во последното коло од СЕХА лигата остварија убедлива победа од 33:21.
На овој натпревар тренерот на Спартак Москава им даде шанса за настап на играчите од младинскиот тим кои не беа закана за македонскиот вицешампион. Еурофарм Пелистер уште од почетоток ја имаше предността на своја страна, а во 16. минута ја имаше првата почувствителна предност од 9:5.
До крајот на полувремето Еурофарм Пелистер доминираше на теренот и разликата постојано растеше. Со серија од 5:0 во 27. минута екипата од Битола поведе со највисоки девет разлика, а на полувремето замина со водство од 19:11. Веќе тука се навестуваше победникот на мечот.
Уште на стартот на вториот дел Еурофарм Пелистер стигна до двоцифрена предност која успешно ја чуваше во продолжението. До крајот рутински го одработе мечот и не му дозволи на младиот домашен состав да го загрози водството. Во 58. минута Еурофарм имаше највисоки 14 предност, но до крајот Спартак Москва го ублажи поразот.
Во екипата на Спартак Москва најефикасен беше Евгениј Воинуш со шест гола, а по три постигнаа Сазонов и Матвеев. Кај составот на Еурофарм Пелистер, Елмир Граџан со седум гола беше најпрецизен, додека Ѓукиќ постигна пет гола, а по четирипати погодија Мартин Велковски и Марин Вегар. Голманите имаа одлично издание, Чаневски собра осум интервенции, а Митревски одбрани десет топки.