Екипата на Еурофарм Пелистер во натпревар од 8. коло од Лига на Европа пред својата публика одигра нерешено против Агуаш Санташ, 27:27. Голманот Марко Кизиќ во последните секунди го спаси битолскиот тим од пораз и му донесе голем бод во борбата за пласман во осминафиналето во второто по ранг европско натпреварување.
Македонскиот вицепрвак со голот на кружниот напаѓач Василев го отвори натпреварот со водство од 1:0, но гостите од Португалија бргу израмнија на 1:1. Следуваше период, во кој двете екипи направија неколку грешки, па така резултатот по пет минути игра беше 2:2.
Тимот на Агуаш Санташ на двапати не искористи да дојде до водство, но исто така и избраниците на Ларс Валтер немаа голема комоција во играта. Танкоски со својот прв гол го врати водството на домаќините, погоди за 3:2. Ракометарите на Мореира не се предаваа и секогаш доаѓаа до изедначување на резултатот. Еурофарм Пелистер кон средината на првото полувреме направи исчекор, имаше добар период и откако беше нерешено (4:4) домаќините со серија од 3:0 се одлепија на 7:4. Сепак, гостите успеаја да се вратат во игра, намалија на 7:6 во 15 минута, а минута подоцна го изедначија резултатот на 8:8.
Домашната екипа не дозволуваше гостинот да поведе и со серија од 2:0 дојде до позитива од 10:8. До крајот на првиот дел Еурофарм Пелистер беше екипата, која ја диктираше играта и имаше предност од еден до два гола разлика. Агуаш Санташ во желбата да дојде до камбек, сѐ почесто правеше грешки во нападите. По 30 минути игра, резултатот беше 14:13 за домашниот тим. Агуаш Санташ на почетокот на вториот дел конечно дојде до израмнување, 14:14. Нерешено беше и во 33 минута, 15:15, додека во следните пет минути домаќините постигнаа два гола, направија повторно предност од ,,плус два” 17:15, но никако не можеа да го решат натпреварот. По водството на Еурофарм Пелистер од 18:16, упорните гости со серија од 2:0 израмнија на 18:18 најавувајќи неизвесен финиш.
Црвен картон во 45 минута поради три исклучувања заработи столбот на одбраната во редовите на Еурофарм Пелистер, Милорад Кукоски. По нерешените 20:20, ракометарите на Агуаш Санташ за една минута постигнаа два гола, поведоа со 22:20. Тоа беше причина Ларс Валтер да побара тајм-аут, со цел неговите избраници да се вратат во игра и да се борат за освојување на двата важни бода. Кризниот период во домашната екипа беше прекината со вториот гол на Хосни, кој намали на 22:21. Ракометарите на Мореира во моментите кога се „кршеше“ резултатот одиграа цврсто во одбраната, постигнаа уште два гола и во последните десет минути влегоа со предност од 24:21.
Сепак, трите гола разлика не беа никаква гаранција за победа. Еурофарм Пелистер на пет минути пред крајот намали на 25:24 и сѐ уште остана во игра за триумф. Гостите му дозволија на Еурофарм Пелистер да дојде до израмнување, 25:25, и само нијанси одлучуваа каков ќе биде исходот од денешниот дуел. На минута пред крајот гостинскиот тим реализираше за 27:26, додека Пешевски по тајм-аутот израмни на 27:27. Агуаш Санташ во последните дваесетина секунди не успеа да погоди во голот на домаќините, откако младиот голман Кизиќ не дозволи лесно да биде совладан.
Во составот на Еурофарм Пелистер се истакнаа Мирко Радовиќ со пет и Жарко Пешевски со четири гола. Кај Агуаш Санташ најефикасен беше Да Силва Оливера со седум погодоци.