Ракометарите на Еурофарм Пелистер запишаа пораз на гостувањето кај данскиот Скандерборг Архус со 24-22. Иако одиграа одлично прво полувреме предводени од голманот Урбан Лесјак, сепак лошиот старт на вториот дел беше пресуден за поразот во Данска. Губеа битолчани и со осум гола 21-13, но успеаја да го ублажат поразот. Архус со оваа победа обезбеди осминафинален билет, а Еурофарм Пелистер ќе мора да го направи тоа во следното коло против Агуаш Санташ.
Домашните брзо отворија со 1-0, имаа шанса и за плус два, но Лесјак одбрани, па Хосни израмни на 1-1. Танкоски донесе битолско водство, пред Архус да израмни од сомнителна ситуација. Потоа двете екипи грешеа во своите напади, немаше голови подолг период, пред битолчани да стигнат за првпат до плус два, 4-2 по одличните одбрани од зицер ситуации на Лесјак.
Хосни промаши за плус три, па казната стигна преку Арнолдсен, а истиот играч потоа намали на 5-4 по грешката на Танкоски, кој претходно даде убав гол. Имаа домашните шанса за реми, но не погодија, а се реваншираше и Хенеберг.
Беше и 6-5, кога битолчани не реализираа, домашните тргнаа во контранапад и Костески направи фаул, но беше престрого казнет со црвен картон. Архус погоди од пенал за 6-6, но Дејвис го врати водството на страна на македонскиот тим.
Валтер повика тајм-аут, нападот на битолчани беше пасивен, па Хенеберг промаши и домашните израмнија. Се играше гол за гол, пред Архус да остане со двајца помалку на теренот. Радовиќ од пенал и Лесјак со гол од неговиот простор вратија плус два за Еурофарм Пелистер, 10-8. Беше и 11-9, но двете промашувања на битолчани, Архус ги искористи за реми на пауза, 11-11.
Стартот на вториот дел тргна лошо за Еурофарм Пелистер. Домашните погодија три пати во серија за 14-11, исклучен беше и Хенеберг, па повеќе шанса доби Мохамед Суси. Првиот гол битолчани го постигнаа по седум минути игра преку Ојлески, а во 40 минута, Архус за првпат отиде и на плус четири, 17-13.
Погреши Танкоски, па Хосни и домашните беа на плус пет, 18-13. Валтер повика втор тајм-аут, шанса доби и Велковски, но ништо не се смени на теренот и предноста на Архус само се зголемуваше до 21-13. Следуваа три врзани погодоци на битолчани на Василев, Петар Атанасијевиќ и Пешевски за 21-16, а негативата беше преполовена со двата гола на кружниот напаѓач, 22-18 на десет минути до крајот.
Сепак Архус врза два гола во серија за 24-18, битолчани се потрудија да се вратија за момент преку Атанасијевиќ за 24-21 на две минути до крајот, но немаше време за комплетен камбек и барем бод од тешкото гостување. Велковски со првиот гол по подолго време се погрижи за чесен пораз. Најдобри стрелци во нашиот тим беа Пешевски и Радовиќ со по четири гола, Лесјак имаше 12, а Кизиќ во финишот исто така беше одличен со шест одбрани од 11 шута кон неговиот гол.
Следниот натпревар Еурофарм Пелистер го игра во Суперлигата на гости кај Бутел Скопје, додека во Лигата на Европа, следниот вторник ќе го пречека Агуаш Санташ.