По тешкото гостување кај Спортинг Лисабон во Лигата на Европа, ракометарите на Еурофарм Пелистер им се врати на обврските во домашното првенство. Избраниците на Жељко Бабиќ славеа на домашен терен против Тиквеш со убедливи 25-16.
Победникот беше најавен уште по првиот дел. По стартните 5-3 за битолчани, следуваше серија на домашните од осум погодоци за 11-3 и јасно беше дека Тиквеш тешко ќе се врати во игра.
До крајот на полувремето Еурофарм Пелистер успеа да стигне и до плус десет, откако Табоада погоди за 15-5.
Во вториот дел поставите на теренот се измешаа, но тоа многу не го промени резултатот. Битолчани зголемија и на плус 13 гола, 21-8, а гостите врзаа два гола во серија преку за 21-10.
Ист беше случајот и потоа кога погоди Дрогришки два пати за 22-13, но немаше збор за некаков камбек, па избраниците на Бабиќ рутински ја завршија домашната задача со конечни 25-16.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ненад Костески со осум и Матео Мараш со четири гола, додека кај Тиквеш се истакнаа битолчаните Стефан Дрогришки со пет и Стефан Трпчевски со три гола.
Интересен факт е што на овој натпревар немаше ниту едно исклучување од две минути, како и ниту еден седмерец.