Екипата на Магдебург го доби првиот дуел од двобојот против Еурофарм Пелистер во Битола со 32:24 од осминафиналето од Лигата на Европа. Со ова практично е одлучен двобојот бидејќи ќе биде тешко во Германија следниот вторник да се надомести.
Од почетокот на средбата се виде дека тимот на Магдебург е во голема предност. Работите тргнаа добро уште од првата минута така што успеаја да направат 4:0 за шест минути и да најават победа. Ракометарите на Еурофарм Пелистер имаа лоша реализација. Не можеа да следат така што ова влијаеше на нивната игра и придонесе за гостите лесно да стигнат и до плус осум.
Во 20. минута резултатот беше 3:11 така што тука веќе беше решено сè и на домашните им остана само да се потрудат да стигнат до помала негатива. Успеаја во завршницата на првиот дел да стигнат и до минус пет, 8:13 и 9:14, но на одмор резултатот беше 9:15.
Вториот дел не донесе ништо ново. Како што одминуваше времето така стануваше јасно дека победата на Магдебург ќе биде убедлива. Гостите имаа целосна контрола и мирно одеа кон крајот во овој дуел. Знаеја како да ја зачуваат предноста и не дозволија да имаат проблеми.
Од стартот на второто полувреме тргнаа со минр аигра. Имаа водство кое постојано се движеше од седум до девет гола, а лесно успеваа да пронајдат простор за да упатат удар кон голот на Чаневски и Трајкоски. Капитенот на Еурофарм Пелистер, Градимир Чаневски беше еден од подобрите во овој натпревар во редовите на тимот од Битола и успеа да собере неколку интервенции, но не можеше многу да помогне.





Еурофарм Пелистер – Магдебург
Сепак, Магдебург е тим кој игра во Бундес лигата и состав кој знае како во европските купови така што оние плус шест од полувреме искусно ги чуваше до крајот за победа од 32:24 што ќе биде сосема доволно за пласман во четврт-финалето.
ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – МАГДЕБУРГ 24:32 (9:15)
Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Судии: Шериф Џема и Бесфорт Јахја од Косово. Делегат: Камер Металари од Македонија.
ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Чаневски (6 одб.), Трајкоски, Мараш 3, Ојлески 1, Маркоски 1, Маџовски, Кукуловски, Мандалиниќ 6, Радовиќ 1, Танкоски, Периќ 3, Костески 1, Чаневски, Кукоски, Велковски 2, Граџан 5, Ѓукиќ 1
Седмерци: 5/5, Исклучувања: 6 мин.
МАГДЕБУРГ: Грин (8 одб.), Тулин (1 одб.), Муса 2, Чрапковски, Клуге, Штајнерт 1, Петеесон, Магнусон 10, Хорке 1, Гулеруд 3, Мертенс 5, О’Саливен 2, Безјак, Дамгард 6, Пројс 1.
Седмерци: 4/4, Исклучувања: 4 мин.