Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер губи на полувреме од Алборг со 18:10 во дуел од второто коло од Лигата на шампионите. Пелистерци одлично му парираа на Алборг во првите дваесетина минути, но во финишот од првото полувреме попуштија и дозволија домашниот тим да создаде поголема предност.
По предноста на Алборг од 1:0 во воведниот дел, во кој Ландин одбрани на двапати, македонскиот шампион со двата гола на десниот бек Петровиќ ја презеде предноста, најпрво поведе со 2:1, потоа со голот на Кузманоски дојде и до 3:1. Откако битолчани поведоа со 4:2, следуваше серија од 3:0 на домаќините, кои во 10-та минута ја вратија минималната предност од стартот победувајќи со 5:4.
Еурофарм Пелистер беше повеќе од рамноправен противник и добро ги затвори главните играчи на домашниот тим. Составот на Јовиќ функционираше од повеќе позиции, и она што го немаше во дуелот со Колстад, поддршка од голманите, тоа го имаше во првите 15 минути против Алборг.
По првата половина од првиот дел, резултатот беше нерешен 7:7. Силниот тим на Алборг до 20-та минута никако не можеше да се одлепи на поголема предност од еден гол, па така резултатот најчесто беше нерешен. По нерешените 8:8, избраниците на Стефан Мадсен во 21-та минута зголемија на највисоките дотогаш плус два, 10:8, минута подоцна дојдоа до 11:8.
Серијата од 3:0 на Алборг беше причина тренерот на Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ, да повика тајм-аут. Домашниот тим продолжи со серијата, врза уште да гола во низа и се одлепи на 13:8. Тајник со гол од пенал ја прекина серијата на Алборг и за момент намали на 13:9. Алборг ја одржуваше стекнатата предност во финишот од првиот дел, голманот Ландин постигна неколку погодоци на празна мрежа и домаќинот на полувреме замина со плус осум, 18:10.