Екипата на Еурофарм Пелистер соопшти дека е продолжена соработката со уште еден млад член на тимот.
Станува збор за Петар Атанасијевиќ, кој потпиша договор до јуни 2026 година и ќе продолжи со својот развој во битолскиот тим.
Младиот 19-годишен репрезентативец како малолетник пристигна во вториот, односно првиот тим на ,,фармацевтите”, но сега веќе е изграден ракометар, репрезентативец и сегашност и иднина на Еурофарм Пелистер.
,,Да се игра во еден ваков клуб и со вакви играчи е голема чест. Догодина се надевам дека ќе напредуваме и пак ќе се се радуваме на трофеи. Секоја чест на екипата за победата над Вардар. Сите дадовме максимумот, и тие кои играа и тие кои не добија шанса. Се гледам во овој клуб и во иднина, и во наредните години. Млад сум и има уште многу време за мене и како ракометар и како личност”, изјави Атанасијевиќ.
Во ноември, минатата година, неговиот брат Павле исто така се обврза на договор до 2026 година.
Нови договори со Еурофарм Пелистер потпишаа и стружаните Ненад Костески, Цветан Кузманоски, Емилијан Ѓорговски и Марио Танкоски.