Денеска во центарот на вниманието на македонската јавност ќе биде гостувањето на Еурофарм Пелистер во Шпанија кај составот на Бидасоа Ирун во Лигата на Европа.
Шпанскиот тим, исто како и македонскиот вицепрвак во досегашниот тек од сезоната во второто по ранг европско натпреварување забележа две победи и доживеа два порази.
Тренерот на Бидасоа Ирун, Јакобо Куетера имаше пофални зборови за битолскиот тим.
,,Еурофарм Пелистер е тим кој поседува квалитет. Иако во екипата има повредени ракометари, меѓу нив се наоѓа и нашиот поранешен играч Руди Сери, сепак, во тимот има ракометари, кои што играле и во репрезентациите на Тунис, Данска, Македонија, или кои настапувале во Франција, односно во Нант. Тоа се играчи со висок квалитет и екипата игра на високо ниво, посебно во одбраната”, изјави Куетера.
Натпреварот меѓу Бидасоа Ирун и Еурофарм Пелистер ќе започне со почеток од 20:45 часот.
Судии на овој натпревар ќе бидат Рауф Гасми и Карим Гасми од Франција. Делегат на Европската ракометна федерација (ЕХФ) ќе биде Антонио Гулао од Португалија.