Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер утре во Португалија ќе ги одмери силите со Агуаш Санташ во натпревар од 2. коло од Лига на Европа.
Двете екипи настапот на европска сцена го започнаа со пораз. Еурофарм Пелистер беше поразен од Архус, додека клубот од Португалија беше немоќен на гостувањето во Шпанија кај Бидасоа и загуби убедливо со 35:26.
Тренерот на Агуаш Санташ, Рикардо Мореира имаше позитивни комплименти за македонскиот претставник во Лига на Европа и истакна дека неговиот тим ќе атакува на победа. Агуаш Санташ, откако беше поразен од Бидасоа, четири дена подоцна загуби и во португалскиот шампионат од екипата на Мадеира.
,,На првиот натпревар од Лига на Европа во неколку периоди одигравме добро, но примивме премногу погодоци. Во овој втор натпревар ќе се соочиме со тим, кој има големо искуство од европски натпревари. Еурофарм Пелистер во својата екипа има играчи со голема европска вредност. Сакаме да излеземе од кризата, откако загубивме на два натпревари, и да оствариме победа”, изјави Мореира.
Натпреварот меѓу Агуаш Санташ и Еурофарм Пелистер се игра утревечер со почеток од 20:45 часот.