Еурофарм Пелистер донесе пивот од Шпанија

Тимот на Еурофарм Пелистер ја пополни празнината на пикерската позиција по заминувањето на украинскиот репрезентативец Олександр Шевелев. Во Битола би требало да дојде Хрватот Томислав Кушан, кој три сезони ги бранеше боите на Ла Риоха.

Кушан е поранешен кадетски и младински репрезентативец на „коцкестите“, но неговата сениорска кариера не се развиваше според очекувањата. Хрватот има 26 години, висок е 200 цм, тежок 110 кг, а може да игра во двата правци.

Во последните три години додека е член на Ла Риоха, со шпанскиот тим играше во ЕХФ Купот. Сезонава најдобар натпревар одигра против бундеслигашот Фуксе Берлин, кога даде шест погодоци. Во Хрватска има настапувано за Пореч и Медвешчак.

По Танкоски, Кукуловски, Мараш и Периќ, Кушан би требало да биде петтото засилување за Еурофарм Пелистер пред битките претстојната сезона во Лигата на Европа и СЕХА лигата.