Ракометарите на Еурофарм Пелистер на првиот четвртфинален натпревар против Татран Прешов во рамки од регионалната СЕХА лига славеа со 37:29 и во Словачка на реванш дуелот ќе патуваат со осум гола предност.
Откако двете екипи не реализираа во првите напади, мразот на дуелот беше скршен со голот на Лопез, кој на словачкиот шампион му го донесе единственото водство од 1:0. На избраниците на Александар Јовиќ пет минути им требаше да дојдат до посакуваниот ритам, па така со серија од 2:0 се одлепија на 3:1.
Татран Прешов на моменти парираше, но откако се доближи на 4:3, домаќините направија одлична серија од 4:0 и во 10 минута стигнаа до дотогаш највисоките ,,плус пет” 8:3. Разиграни во составот на македонскиот вицепрвак беа Костески и Хенебрг, кои во првото полувреме постигнаа вкупно девет гола.
Пелистерци успеваа да одржат дистанца и кон средината на првото полувреме дојде до мал пад во нивната игра. Гостите од Словачка наоѓаа пукнатина во одбраната на домаќините и во 15 минута успеаја да стопат дел од предноста на Еурофарм Пелистер, намалија на минус три гола разлика, 9:6.
По краткиот налет на Татран Прешов, дојде до консолидирање во редовите на домашниот тим, кој врза неколку гола во серија, и во 20 минута ги постави највисоките шест гола позитива, 14:8. Минута подоцна, левото крило Цветан Кузманоски зголеми на 15:8, по што следуваа два гола по ред на гостите кои намалија на 15:10.
Иако Еурофарм Пелистер имаше комотно водство од 17:10, гостите пред финишот од првото полувреме искористија дел од грешките на ривалот, ја подобрија одбраната и намалија на 19:16. По големата борба во последните пет минути од првиот дел, резултатот на полувреме гласеше 20:17 за тимот на Јовиќ.
Продолжението започна со голот на Гогола и гостинскиот тим стигна до минус два, 20:18. Во уште еден момент од дуелот беше минус два (21:19), и по добрата серија на гостите следуваа головите на крилата Кузманоски и Костески за ,,плус три” 23:19 во 35 минута. На голот на Татран Прешов одредени блесоци имаше Чуприна, кој ги одржуваше надежите на својот тим за евентуален камбек.
Следуваше период, во кој се играше гол за гол, домаќините ја чуваа предноста од првиот дел, во 40 минута дојдоа до 26:22, додека во 45 минута имаа 27:23. По водството на Еурофарм Пелистер од 28:23, избраниците на Гернат со добра смиреност во нападот направија серија од 4:0 намалувајќи на 28:27. Еурофарм Пелистер речиси седум минути беше без реализација, а кризниот период го прекина Хенеберг за 29:27.
По голот на Хенеберг следуваа уште три гола на домашниот тим и во 50 минута водството на Еурофарм Пелистер беше 32:27. Тука беше скршен отпорот на упорниот гостински состав. Татран Прешов немаше шанса да направи нешто повеќе во последните десет минути, бидејќи Еурофарм Пелистер ја диктираше играта на теренот и дојде до поубедлива предност.
Најефикасен на теренот беше Ненад Костески со десет погодоци, 100% реализација, односно осум од осум имаше Себастијан Хенеберг, шест додаде Каспер Кисум. Голманот Урбан Лесјак натпреварот го заврши со 11 интервенции.
Кај Татран Прешов прв стрелец беше Вјачеслав Касаткин со девет реализации. Игор Чуприна меѓу стативите запиша 13 одбранети удари.