Европската ракометна федерација (ЕХФ) денес ги објави шеширите пред ждрепката за новата сезона во Лигата на шампионите, која ќе започне на 13/14 септември.
Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер ќе биде дел од третиот шешир, во кој се наоѓаат уште Порто, Целје, Загреб и дебитантот Колстад.
Во првиот шешир се ПСЖ, Кил, ГОГ, Веспрм, Барселона и Келце, додека вториот шешир го сочинуваат Висла Плоцк, Монпелје, Алборг, ПИК Сегед и Магдебург, кој ќе ја брани титулата освоена минатиот викенд.
ЕХФ потврди дека останува да важи правилото дека две екипи од иста земја не можат да играат во иста група. Тоа значи дека Еурофарм Пелистер со сигурност ќе игра против еден германски (Магдебург или Кил), еден француски (ПСЖ или Монпелје), еден полски (Келце или Висла Плоцк), еден дански (Алборг или ГОГ) и еден унгарски тим (Веспрем или ПИК Сегед).
Двете првопласирани екипи од првата и втората група директно ќе се пласираат во четвртфиналето. Екипите кои ќе завршат на третото, четвртото, петтото и шестото место во групната фаза ќе обезбедат пласман во осминафиналето.
Ждрепката за новата натпреварувачка сезона во Лигата на шампионите ќе се одржи на 27 јуни во Виена од 11:00 часот.