Ракометарите на Еурофарм Пелистер во дерби дуелот против Вардар на полувреме имаaт предност од 13:12. Иако домашниот тим водеше со пет гола разлика, сепак, тимот на Вардар со своето искуство и квалитет успеа речиси да се врати во игра.
Екипата на Вардар погоди во првиот напад преку Талески за 1:0, но ,,фармацевтите” со голот на Хенеберг од пенал бргу возвратија за 1:1. Откако Вардар во уште два наврати беше во предност (2:1, 3:2), домаќините со два гола во низа најпрво изедначија на 3:3, потоа за првпат поведоа со 4:3.
Од тој момент домаќинот влезе во посакуваниот ритам, ги користеше исклучувањата во редовите на гостинот и по нерешените 5:5 успеа да се одлепи на 7:5 во 10-та минута, а минута подоцна Хосни со својот втор гол донесе ,,плус три” за домашниот табор 8:5.
По налетот на домаќините, тренерот на Вардар, Владо Недановски, повика тајм-аут, со цел неговите избраници да се вратат во игра. Одбрамбената зона 5-1 на домаќините даде резултат, па така Еурофарм Пелистер дојде и до четири гола позитива, 9:5. Вардар преку Талески и Георгиевски ја прекина одличната серија на домаќинот и со мини серија намали на 9:7. Во 18-та минута при предност од 10:7 за Еурофарм Пелистер повреда заработи ракометарот на Вардар, Леонардо Дутра.
Вардарци никако не можеа да дојдат до камбек и на речиси девет минути пред крајот тимот на Еурофарм Пелистер ги врати максималните четири гола разлика, 12:8. Ракометарите на Јовиќ со одличната одбрана во 25-та минута дојдоа до дотогаш највисоките ,,плус пет” 13:8. Гостинот од Скопје за само една минута успеа да ја преполови негативата и да се доближи на 13:11. Тимот на Недановски до крајот на полувремето постигнаа уште еден гол, а резултатот по 30 минути игра беше 13:12 во корист за пелистерци.