После првите 30 минути екипата на Еурофарм Пелистер има предност против Аек од 16:13 откако во текот на целото прво полувреме беше во позитива.
Еурофарм Пелистер поведе со голот на Табоада, а откако домашните израмнија следуваше серија од три гола и во 4. минута беше 4:1. Играчите на Аек се обидоа да се вратат и намалија на еден гол, но тука следуваше реакција на ракометарите на тимот од Битола и во 10. минута Еурофарм Пелистер водеше 9:4.
Се чинеше дека тука е решено сè барем кога е во прашање првото полувреме. Меѓутоа не одеше така добро во продолжението. Домашните имаа одговор и од 6:11 стигнаа до 9:11 и фатија приклучок. Сепак, тука предноста на Еурофарм Пелистер се стабилизираше и беше два или три гола.
Имаше избрзани акции и на двете страни и по некоја одбрана на голманите. Еурофарм Пелистер успеа да исконтролира до крај и да замине на одмор со предност од три гола, 16:13. Во овој дел од средбата фунционираше добро нападот, а одбраната се соочи со проблем откако Обрадовиќ доби две исклучувања уште после десет минути игра. Сепак, сè финишираше како што се посакуваше така што на крајот од првото полувреме резултатот е позитивен за Еурофарм Пелистер.
По три гола во првиот дел имаат Табоада, Божиќ Павлетиќ и Мандалиниќ. Два гола постигна Периќ, додека по еднаш реализираа Граџан, Ојлески, Маркоски, Обрадовиќ и Маџовски. Во редовите на Аек, Димитрос Цирас погоди петпати.