Чешка ќе го има своето 11. учество на европските првенства, но за разлика од претходните сега ќе биде предводена од нов тренер. Откако минатата година Чесите не отпатуваа на Мундијалот во Египет поради многу случаи на коронавирус во тимот, тренерите Даниел Кубеш и Јан Филип заминаа од селекторската позиција. На чело на тимот се врати добро познато име за Чесите, Растислав Тртик кој и претходно ја има предводено репрезентацијата во 2004 и 2005 година.
Во квалификациите Чешка заврши на второто место зад Русија, а пред Украина во групата 3. На Европското првенство ќе имаат тешки противници и ќе играат против Шпанија, Шведска и Босна и Херцеговина во прелиминарната рунда во Братислава. Во сотавот на Чешка има неколку млади ѕвезди во подем, а новиот Филип Јиха го гледаат во левиот бек Матеј Клима. Тука и е и Станислав Кашпарек кој игра во одлична форма и е предводник на екипата на Мешков Брест. Исто така во добра форма брани и Томаш Мрква во составот на Бергишер, а потврда за неговиот квалитет е трансферот во Кил од следната сезона.
Во тимот на Чешка има многу млади момци, но селекторот Тртик сè уште може да смета на искусните Роман Бечвар, Томаш Бабак, Томаш Чип, Јакуб Хрстка и Штепан Земан. Главен проблем може да биде кратката клупа со искусни и квалитетни играчи бидејќи младите не се сосема подготвени за ваков предизвик. Еден од адутите на Чешка во намерата да приредат изненадување против фаворитите е публиката која сигурно ќе ги поддржи бидејќи натпреварите се играат многу близу во Братислава и би можела да биде нивниот осми играч на теренот.
ИГРАЧ ВО ФОКУСОТ – СТАНИСЛАВ КАШПАРЕК
Десниот бек беше втор стрелец за Чешка на ЕП 2018 со 33 гола и на ЕП 2020 со 29 погодоци. Кашпарек имаше перфектен старт на сезоната и беше главен играч на Мешков Брест во Лигата на шампионите, а сега сите надежи на Чесите се насочени кон него. Врвниот стрелец рано ја започна интернационалната кариера, уште на 19 години од Зубри се пресели во Балатонфуреди, а потоа во 2018 година во ПИК Сегед. Од сезонава тој е член на Мешков Брест.
ИНТЕРЕСНО
Чешка е единствената репрезентација која имаша тројца различни најдобри сттелци на Европските првенства. Во 1998 година Јан Филип беше прв стрелец на првенството со 48 гола, потоа Филип Јиха беше најдобар стрелец со 53 гола и МВП на шампионатот во Австрија во 2010 година. Ондреј Здрахала е третиот играч кој бил најефикасен на ЕП. На шампионатот во Хрватска во 2018 година тој постигна 55 гола и беше прв стрелец.
УЧЕСТВА НА ЕП
Вклучувајќи го учеството во 2022 година – 11 настапи на ЕП
Најдобар резултат: шесто во 1996 година и 2018 година.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ – ГРУПА Е
13 ЈАНУАРИ – 18:00ч
ШПАНИЈА – ЧЕШКА
15 ЈАНУАРИ – 18:00ч
ЧЕШКА – БИХ
17 ЈАНУАРИ – 20:30ч
ЧЕШКА – ШВЕДСКА