ЕП 2022: Подмладената Украина со нов селектор по нов успех

Во 2020 година Украина се врати на европските првенства после пауза од десет години, но уште во прелиминарната фаза забележа три порази меѓу кои и од Македонија и го заврши настапот. Сега предводена од германскиот стручњак Михаел Биглер, Украина повторно ќе се обиде да ја помине прелиминарната фаза.

Украина се пласираше на ЕП како една од најдобрите третопласирани репрезентации. Пред две годни Украинците се пласираа на 19. позиција, додека нивниот најдобар резултат е 11. место на турнирот во 2002 година. Од 28 натпревари Украина има победено на само три натпревари на ЕП, а ниту еднаш на последните две учества во 2010 година и 2020 година. Украина ќе игра во групата Ц, во Сегедин против Србија, Хрватска и Франција.

Михаел Биглер беше донесен на клупата на Украина во септември и веднаш направи промени во тимот. Тој се одлучи да се потпре на ракометарите од Мотор Запорожје и да вклучи повеќе млади таленти во репрезентацијата. Назначувањето за селектор на германскиот стручњак би требало да биде почеток на нова ера на украинскиот ракомет. 60-годишниот Биглер имаше бројни успеси во кариерата, а ова е само втора работа надвор од неговата земја Германија после онаа кога беше на чело на Полска во 2016 година. Со подмладена репрезентација Биглер ќе се обиде да ги изненади големите фаворити на натпреварите во Сегедин.

ИГРАЧ ВО ФОКУСОТ – ГЕНАДИЈ КОМОК

Голманот кој има 34 години може да биде главен адут во обидот на Украина да се пласира во главната рудна. Комок импресионираше со неговите настапи во последните две сезони на голот на Мотор Запорожје и во многу наврати го спасуваше својот клуб од порази. Добрата форма, класата и искуството можат да бидат важни фактори за успех на Украина на ова првенство.

ИНТЕРЕСНО

Само двајца ракометари во составот на Украина имаат одиграно повеќе од 50 натпревари за репрезентацијата, тоа се Олександар Тилте и Евген Жук. Од 17 ракометари кои настапија на ЕП 2020 недостасуваат седум на списокот од 35 играчи за ЕП 2022. Најзвучни имиња кои ги нема се Владимир Остроушко, Захар Денисов и Артем Козакевич.

УЧЕСТВА НА ЕП

Вклучувајќи го ЕП 2022 – седум учества на ЕП.

Најдобар резултат: 11. место во 2002 година и 12. место во 2000 и 2006 година.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ – ГРУПА Ф

13 ЈАНУАРИ – 18:00ч

СРБИЈА – УКРАИНА

15 ЈАНУАРИ – 18:00ч

ФРАНЦИЈА – УКРАИНА

17 ЈАНУАРИ – 18:00ч

УКРАИНА – ХРВАТСКА